Новата рунда разговори за Кипар заврши без успех

Антонио Гутереш

Новата рунда разговори, под покровителство на ООН, за трајно решение за поделениот остров ипар, заврши без успех, како и бројните претходни разговори меѓу претставниците на грчките и турските делови на медитеранскиот остров, јави денеска ДПА.

Неформалните разговори, кои започнаа во вторникот, завршија денеска откако претставниците на кипарските Грци и кипарските Турци не успеаја да најдат заедничка почетна точка за отворање на официјални разговори, соопшти генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.

„Јас не се откажувам, порача Гутереш од Женева“, најавувајќи нова рунда разговори со претставници на сите страни.

Гутереш се погрижи претседателот на кипарските Грци, Никос Анастасијадес и претседателот на кипарските Турци, Ерсин Татар, да се сретнат во Женева приватно, во надеж дека ќе започнат официјални преговори за политичкиот статус на Кипар, откако тој беше поделен пред речиси 50 години.

Генералниот секретар на ОН се закани дека ќе ги прекине разговорите за Кипар

Кипарско-грчката страна поддржува создавање на федерација на две држави со силна централна влада. Оваа идеја е поддржана и од сите резолуции на ООН за кипарскиот проблем.

Кипарската турска страна се залага за решение со две независни држави. Новиот претседател на Турската Република Северен Кипар, признат само од Турција, Ерсин Татар, инсистира на тоа дека мора да се најде решение врз основа на две одделни држави и соработка заснована на суверена еднаквост.