Курти вели дека Косово нема да го почне дијалогот со Србија наредниот месец

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нема да присуствува на состанок кој има за цел започнување на дијалог со Србија, кој беше предложен од шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за време на разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.

Состанокот требаше да се одржи за десетина дена во Брисел.

„Нема да бидам тука во Брисел на 11 мај“, изјави Курти денеска во Брисел по разговорите со европските претставници.

Вучиќ на 26 април се сретна со Борел и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Курти рече дека ќе присуствува на состанок организиран од Борел со лидерите од регионот на средината на мај.

„Идниот дијалог со Србија мора да биде претходно добро подготвен и заснован на јасни принципи“, рече Курти.

„Белград мора да се соочи со своето минато. Не треба да бидеме опседнати со историја, но исто така не може да ја игнорираме историјата“, рече тој, наведувајќи ги убиствата на етнички Албанци извршени од српските сили за време на конфликтот во 1998 и 1999 година.

Курти рече дека Белград треба да се дистанцира од режимот на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ и да не продолжува кон старите цели со нови средства.

Србија беше принудена да ја предаде контролата врз Косово по операцијата на НАТО со која беа окончани обидите на Белград за задушување на бунтот на албанските сепаратисти на Косово. Повеќе од 10 илјади луѓе загинаа во конфликтот на Косово во 1998 и 1999 година.

Косово прогласи независност во 2008 година, но Белград не го признава.
Повеќето членки на ЕУ и САД ја признаваат косовската независност, но не и српските сојузници Русија и Кина.