Уапсениот грчки европратеник во Брисел одбива екстрадиција во Грција

Архивска фотографија: Грчкиот европратеник Јанис Лагос

Грчкиот европратеник Јанис Лагос, поранешен член на екстремно десничарската Златна Зора, денеска одби да биде екстрадиран во Грција од Белгија, за да служи 13-годишна затворска казна како висок член на криминална организација, соопшти канцеларијата на обвинителството во Брисел.

Тој живееше во Брисел, каде што беше пратеник во Европскиот парламент, откако грчкиот суд во осуди заедно со уште 17 поранешни членови на грчкиот парламент од Златна зора поради водење криминална организација или членување во криминална организација.

Лагос вчера беше приведен во Брисел откако претходно Европскиот парламент му го укина имунитетот и отвори пат за негова екстрадиција во Грција.
Тој утринава дојде пред судот во Белгија.

Белгиското обвинителство соопшти дека Лагос не прифатил да им биде предаден на грчките власти и дека судијата му одредил притвор. Судот има рок од 15 дена да одлучи дали Лагос треба да биде екстрадиран во Грција.

Тој, како и целото раководство на Златна зора, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во септември 2013 година. Лагос беше пуштен на условна слобода 18 месеци подоцна додека чекаше судење. Тој има парламентарен имунитет од јули 2019, кога беше избран во Европскиот парламент како претставник на Златна зора, која ја напушти неколку месеци подоцна.

Лидерот на Златна зора Никос Михалолиакос и најголем дел од осудените се во затвор, но вториот човек на организацијата Христос Папас и понатаму е во бегство.