Пендаровски на разговори во Брисел - фокус на проблемот со Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски, од Брисел порача дека земјата е подотвена веднаш повторно да седне на преговарачка маса со Бугарија.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел. Тој за време на посетата на белгиската престолнина се сретна и со други носители на највисоки функции во Европската Унија, како комесарот за проширување, претседателот на Европскиот Парламент, известителот од Европскиот Парламент за Северна Македонија, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Во соопштението се вели дека на средбите најмногу било разговарано за проблемот што „Бугарија го има“ со Северна Македонија, но и за европската интеграција на земјава, можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, процесот на проширување на Европската Унија, актуелните предизвици во регионот, пандемијата на Ковид-19.

Односите меѓу Македонија и Бугарија во изминатиов период беа нарушени откако Софија во декември минатата година го блокираше Скопје да започне преговори за членство со ЕУ. Меѓу изјавите на политичарите од Бугарија беа дека Македонија треба да признае бугарски корени, додека македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се идентитетот, јазикот и националноста. Ова се случува во ситуација откако двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство.

Претседателот Пендаровски вели дека во моментов проблем е тоа што изборите во Бугарија завршиле без јасен победник и дека е можно во земјата да бидат одржани нови предвремени парламентарни избори.

Пендаровски вели дека доколку се случи тоа, во следните два месеци во Бугарија ќе има техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања, но дека Северна Македонија е подготвена да разговара за сите отворени прашања.

„Се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно. Значи во овој момент е неопходно како предуслов да започнат тие разговори повторно да се идентификува соговорникот од бугарска страна и тоа, се разбира, не зависи воопшто од нас, зависи само од Република Бугарија - како тие ќе решат да направат и кого ќе предложат, поединец, Влада, институција итн“, вели Пендаровски.

Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски оствари средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.