Зеленски повика на соработка за да не се случи катастрофа како Чернобил

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да соработува за да се спречи повторување на катастрофата во Чернобил.

„Нашата задача е да сториме се што е можно за да ја зајакнеме безбедноста за да избегнеме и никогаш да не повториме слична катастрофа во иднина“, рече Зеленски по повод Меѓународниот ден на сеќавање и одбележувањето на 35-годишнината од нуклеарната катастрофа.

Во главниот град Киев, десетици луѓе се придружија на церемонијата и положија цвеќе на спомен обележјето во Чернобил. Други, пак, се собраа во градот на духови Припјат во текот на ноќта и одржаа церемонија со 35 свеќи во спомен на оние кои ги загубија своите животи во несреќата.

Експлозијата и пожарот предизвикани од топење на реакторот во централата во Чернобил, лоцирана на 110 километри северно од Киев, на 26 април 1986 година предизвикаа облаци од смртоносен нуклеарен материјал низ цела Европа.