Комисијата предлага олабавување на мерките, Велигден и Рамазан без полициски час

Граѓани со маски како мерка против ширењето на ковид-19

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок предложила полицискиот час од 28 април да почнува од 21 часот и да трае до 5 часот изутрината. Исто така, по три недели, ќе можат да се отворат кафулињата и рестораните, но само терасите и градините.

Исто така Комсијата предложила во деновите кога се одбележуваат празниците Велигден и Рамазан да нема полициски час. Тоа би значело дека полициски час нема да има овој викенд сабота кон недела и меѓу 11 и 12 мај.

„Никогаш не може да имаме толку контрола колку што треба граѓаните да бидат одговорни. Во разговор со верските заедници тие презедоа одговорност да не се дозволат масовни собири и одбележувањето на празникот да биде во согласност со епидемиолошките мерки. Тука клучна е и одговорноста на самите граѓани“,изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Комисијата ќе го достави предлогот до Владата, која за него треба да одлучи на седница утре.

Средба на Филипче со верските лидери

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека бројот на новозаразени со коронавирусот бележи надолен тренд и ги повика граѓаните за време на претстојниот велигденски празник да не се групираат и да ги почитуваат мерките за заштита.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, вчера се регистрирани нови 314 случаи со ковид-19, 27 починати и 557 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 16 858, од кои 7 597 се во Скопје.