Индонезиската морнарица потврди дека потонала подморница со 53 луѓе

Архивска фотографија: Индинезиската подморница што потона

Подморницата што исчезна кај Бали со 53 членови на екипажот „потонала“, објави денеска индонезиската морнарица, укажувајќи дека, со оглед на тоа што резервите кислород досега се исцрпени, малку е веројатно дека некој би можел да преживее.

Денеска се пронајдени повеќе делови од подморницата со која е изгубен контактот во средата, а некои од тие делови се од внатрешноста на пловилото, што укажува дека таа била сериозно оштетена.

„Врз основа на елементите кои мислиме дека доаѓаат од подморницата Нангала го променивме статусот на подморницата од исчезната во потоната“, рече портпаролот на морнарицата Јудо Маргоно на прес-конференција.

Стотина војници и дваесетина бродови беа мобилизирани во средата да ја локализираат подморницата стара 40 години.

Морнарицата процени дека резервите кислород може да траат максимум 72 часа во случај на дефект на струјата, а тој рок истече рано утринава.
Нафтената дамна забележана на местото каде што подморницата се спуштила под вода укажува дека е можно да се скршил резервоарот.

Воените власти прво објавија дека е можно подморницата да потонала на длабочина од 700 метри, што е многу повеќе од длабочината за која е направена.

Подморницата спроведувала воени вежби.

САД испратија воздушни единици на помош, а два брода на австралиската воена морнарица стигнаа во зоната за да помогнат.