Прага и Москва со договор за намален број на дипломати во амбасадите

Рускиот амбасадор во Прага по состанокот во министерството за надворешни работи

Чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек изјави дека бројот на персонал в амбасадите ќе биде ограничен на 32. Ова доаѓа во период кога растат тензиите меѓу Русија и Чешка околу наводната улога на Москва во смртоносната експлозија во Чешка во 2014 година во складиште за оружје.

„Чешката и руската амбасада ќе може да имаат седум дипломати и 25 административни и технички персонал,“ изјави тој за чешките медиуми.

Кулханек во интервјуто посочи дека на Русија и е даден рок до крајот на мај да го намали бројот на амбасадорски персонал од 63 вработени лица. Тој исто така изјави дека промените нема да влијаат на бројот на дипломати и административни службеници во руските конзулати во Брно и Карлови Вари, како и на чешките конзулати во неколку руски градови.

Прага ѝ даде рок на Москва да ги врати протераните дипломати

Претходно, чешките власти соопштија дека на Русија нема да им биде дозволено да имаат повеќе дипломати во Прага отколку Чеси во Москва. Разгорувањето на спорот дојде по протерувањето на 18 руски дипломати кои беа посочени како шпиони. Москва наредниот ден возврати со протерување на 20 чешки државјани вработени во чешката амбасада во Русија.

Чешките власти тврдат дека двајца руски разузнавачи кои се обвинети за труење со нервен гас во Велика Британија во 2018 година, стојат и зад експлозијата во склад со муниција во Чешка во 2014 година, при која загинаа две лица.
Русија остро ги демантираше таквите наводи.