Руската полиција уапси 1.700 приврзаници на Навални на протестите низ целата земја

Руската полиција уапси околу 1.700 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални

Руската полиција уапси околу 1.700 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални на протестите со барање за негово ослободување. Илјадници демонстранти се собраа во центарот на Москва, на повик од соработниците на Навални, чија здравствена состојба е многу лоша, бидејќи тој штрајкува со глад повеќе од три недели. Групата ОВД-Инфо, што го следи апсењето на политички демонстранти и активисти, соопшти дека многу демонстранти биле уапсени пред да започнат протестите и дека меѓу нив има и двајца блиски соработници на Навални. Според последните податоци од таа група, во 82 града се уапсени 1.700 лица, а најмногу во Санкт Петербург, околу 600 лица. Соработниците на Навални ги повикаа граѓаните да излезат на протести, откако деновиве беше објавено дека неговата здравствена состојба одеднаш се влошила. Московската полиција соопшти дека 6.000 луѓе протестираа во главниот град, додека еден набљудувач за Јутјуб каналот на Алексеј Навални изјави дека имало 60.000 луѓе. Протестите беа закажани за денот на годишното обраќање на Путин до нацијата.

Путин се закани со одговор на странските провокации

Во своето обраќање, Путин ги обвини странските влади дека се обидуваат да ѝ ја наметнат својата волја на Русија. Путин, кој никогаш не го споменува јавно името на Навални, но познато е дека западните влади остро го критикуваа третманот на уапсениот опозиционер и повикаа на ослободување. 44 годишниот Навални почна штрајк со глад пред повеќе од три недели во знак на протест поради тоа што затворските власти не му дозволија да го прегледа приватен лекар, поради силна болка во грбот и губење на чувствителност на нозете.

Лекарите кои сакаат да го прегледаат Навални повторно не биле примени во затворот

Тој беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето во Русија од Германија, каде се пет месеци заздравуваше од труење од нервен отров, за што го обвинува Кремљ. Руските власти ги отфрлаат овие тврдења и го обвинуваат Навални за соработка со западните разузнавачки служби.Во февруари, судот во Москва го осуди Навални на две и пол години затвор, менувајќи ја условната казна од 2014 година во затвор, затоа што не се пријавил навреме до надлежниот орган, додека се опоравувал од труење во Германија. Апсењето на Навални доведе до бран протести на десетици илјади луѓе во јануари низ Русија, во повеќе од 100 градови. На тие протести, чии учесници побараа ослободување на Навални, полицијата уапси повеќе од 10.000 луѓе.