Русија отвора истрага против Гугл и Јутјуб

Илустрација.

Русија денеска објави дека отвора истрага против Гугл и неговата видео-платформа Јутјуб за злоупотреба на доминантна позиција, во најновиот спор меѓу руските власти и дигиталните гиганти.

Федералната антимонополска агенција (ФАС) соопшти дека ја отворила истрагата бидејќи регулативите за отворање, прекинување или бришење на сметки на Јутуб и барањата на корисниците се „нетранспарентни, пристрасни и непредвидливи“, што може да им наштети на интересите на корисниците и да ја ограничи конкуренцијата.

„Ова доведува до ненадејни блокирања и прекинувања на корисничките сметки без предупредување и основа за такво дејствување“, соопшти руското регулаторно тело.

Според рускиот регулатор, истрагата била покрената по пријава на една непозната руска организација на Регионалниот центар за интернет технологии (Ротсит), која се претставила како група што ги брани интересите на руските корисници на интернет.

Во последните неколку недели, руските власти упатија повеќе критики кон американските социјални мрежи Твитер, Фејсбук и Јутјуб, но и кон кинескиот Тик Ток, осудувајќи ја нивната семоќ и критикувајќи го нивното ограничување на содржините, особено на политичката содржина.