Без негативен брз тест нема одење на работа во Грција

Училиште во Грција

За вработените во малопродажбата, супермаркетите, продавниците за храна и пијалаци, транспортот, службите за чистење, фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, како и за одредени категории државни службеници, од денеска, во Грција е задолжителен селф тест, односно брз тест за ковид-19 за домашна употреба. Без потврда за негативен резултат, забрането е пристигнување на работното место, јави дописничката на МИА од Атина.

Брзите селф тестови, задолжително е да се спроведуваат еднаш седмично, од вчера се достапни и бесплатни за конкретните категории вработени, односно околу 900.000 лица, а предвидени се и парични казни за непочитување на новата мерка.

Резултатите од тестовите се пријавуваат на специјалната интернет платформа, од каде што ќе се вади и потврдата при негативен резултат, додека пак доколку е позитивен, вработениот ќе треба во рок од 24 часа одново да се тестира во здравствена институција.


Работодавците нема да смеат да ги примат на работа вработените кои нема да донесат потврда за негативен селф тест.

Селф тестовите, првпат беа воведни минатиот понеделник за учениците од повисоките класови од средните училишта паралелно со нивното враќање во училишните клупи, а од денеска се прошируваат и на други категории граѓани.