ВМРО-ДПМНЕ обвинува за нова тендерска афера во Град Скопје

Илустрација, Седница на Совет на Град Скопје

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за местење на тендери во Град Скопје во вредност од 162 илјади евра. Станува збор за јавна набавка на заштитна противпожарна опрема набавена од компанијата Армор Плус. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски на прес конференција денеска објави дека сопственикот на компанијата е сопруг на сестрата на функционерката во Град Скопје Викторија Аврамовска Мадиќ.

„Значи градот каде секретар е Мадиќ, распишува тендер или јавна набавка, а зетот Димитар Петрески, зетот на Викторија Мадиќ е добитник на тој бизниси. Секоја година компанијата Армор Плус добивала јавна набавки од градот раководен од Петре Шилегов.Дали ова се единствените јавни набавки или имало и повеќе други, каде што се врзуваат вакви зетовски, снаовски, балдиски- врски, поврзани со Петре Шилегов и со секретарот на Градот Скопје? Или, дали ваквиот начин за испумпување на пари од Градот Скопје е единствен или постои нова мрежа за криминогени дејанија? “ изјави Стоилковски.

Тој јавно праша како токму компанијата на зетот од сестра на секретарот на градот Скопје е добитник на 5 јавни набавки во вредност од 10 милиони денари.

Афери и скандали го „тресат“ македонското тло

Од Град Скопје реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ фабрикува непостоечки афери. Во нивниот писмен одговор велат дека таа фирма во времето на мандатот на претходниот градоначалник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ склучила договори во вредност од 142 илјади евра. Според градскиот татко, опозицијата фабрикува непостоечки афери затоа што била неспособна да одговори на одобрувањето на граѓаните на проектите на Град Скопје во изминативе три години.

„ВМРО-ДПМНЕ 30 години говореше за воведување на трамвај во Скопје, но тоа никогаш не се случи. За разлика од ваквите лажни ветувања, Град Скопје годинава го започна воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз. ВМРО-ДПМНЕ е неспособно да одговори зошто во времето на нивните градоначалници не се изградени и реконструирани помалку булевари и улици отколку во последните три години“, се вели во соопштението од Град Скопје.