Кривична пријава против фирмата „Нефи Ик“

Охридско Езеро, илустрација

Поднесени се кривични пријави против три физички лица и еден правен субјект поради сомневање дека сториле узурпација на недвижности во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро. Станува збор компанијата „Нефи Ик“ и двајца охриѓани и еден стружанец.

Според полицискиот записник, првопријавениот (Н.З.) од Охрид, иако знаел дека неговата катарстарска парцела во населбата „Далјан“ во близина на Охридското Езеро, се уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата ги ангажирал второ и трето пријавените (Н.И. и Р.Б. ) , вработени во фирмата „Нефи ИК“ и побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро, јавува дописникот на новинската агенција МИА од Охрид.

Со стореното дело, осомничените се теретат дека извршиле дотур на земја и камен со што ја прошириле парцелата на 900 метри квадратни навлегувајќи во водите на Охридското Езеро.

Случајот беше пријавен уште во ноевмри минатата година, кога беше снимено и објавено во медиумите како со тешка механизација се насипува земја и шут во Охридското Езеро, во непосредна близина на новиот комплекс згради и дом за стари лица во изградба кон „Извидничкото одморалиште“ кај Далјан.