Осуден на 10 години затвор лидерот на хакерската група ФИН7

Илустрација

Украинскиот државјанин Федир Хладир е осуден на 10 години казна затвор од американски суд, откако на судско рочиште ја призна вината за учество во хакерската група позната во јавноста како ФИН7. 35 годишниот Хладир денеска беше осуден во западно американскиот град Сиетл. Тој беше приведен во Дрезден, Германија во 2018 година и екстрадиран во САД. Тој во септември во 2019 година ја призна вината односно призна дека работел како управител и админстратор на системите на ФИН7.

Но, во своето признание тој посочи дека е виновен само да една точка од вкупно 26 точки во обвинението. Тој плати 2,6 милиони долари штета. Во затворската казна ќе бидат пресметани и трите години кои тој ги помина во притвор.

Американскиот одделот за правда проценува дека хакерската група ФИН7 „предизвикала загуба на американските граѓани од над милијарда долари“. Обвинителите на сослушувањето истакнаа дека тоа е само „конзервативна проценка“ и дека реалната загуба изнесува помеѓу 3 и 6 милијарди долари. Хакерската група во изминативе години се занимавала со незаконски активности во 50 држави во САД и украла над 20 милиони електронски записи и податоци за кредитни картички.