Гафови, навреди, афери, вакцини...

МАКЕДОНИЈА - Со сведочењето на менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случајот Меѓународен сојуз, кој пред Судот изјави дека на Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

ЈАПОНИЈА - Висок функционер на владејачката партија во Јапонија, Тоширо Никаи, изјави дека сè уште постои опција да се откажат Олимписките игри во Токио доколку се влоши ситуацијата со коронавирусот, објави денеска (15-ти април) агенцијата Кјодо.

БУГАРИЈА - Новоизбраната претседателка на бугарскиот парламент, Ива Митева од партијата Има таков народ соопшти дека на првиот претседателски совет била донесена одлука пратениците да немаат одмор за Велигден. Како што јави дописникот на МИА од Софија, се разговарало и за формирање на првите неколку комисии во новиот 45-ти бугарски парламент, како и за внесување во процедура на нацрт-законот за измена и дополнување на Изборниот законик.

АВГАНИСТАН - Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен денеска пристигна во ненајавена посета на Авганистан каде што на авганистанските власти ќе им го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден за повлекување на војската од таа земја. Блинкен се среќава со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, со премиерот Абдула Абдула и со претставниците на граѓанските организации.

РУСИЈА - Љубов Собол, адвокатката на затворената Фондација за борба против корупција на опозицискиот политичар Алексеј Навални (ФБК), беше осудена на една година условна казна корективна работа за неовластен пристап до станот на член на службата за безбедност.

АВСТРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира. Ова денеска го порача австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, јави МИА. Таа апелирала Бугарија да престане да блокира.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека отвора афера - Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Уписите во основното образование од септември ќе бидат во дигитална форма и тоа е нешто на што работевме во изминатиот период, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на конференцијата за дигитализација на јавните услуги во областа на образованието.

МАКЕДОНИЈА - На 28 април во Македонија треба да пристигнат сите 200 илјади кинески вакцини, изјави министерот за здраство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

САД / ГЕРМАНИЈА - Претседателот на САД Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел, во телефонски разговор се согласија да побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница, каде состојбата на теренот се влошува.

ТУРЦИЈА / ИТАЛИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди непристојноста и вулгарноста на изјавите на италијанскиот премиер Марио Драги, кој го нарече диктатор по протоколскиот гаф поврзан со претседателката на Европската комисија за време на посетата на Анкара.