ЗНМ - Уште една срамна пресуда за новинарите за настаните од „27 април“

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираа откако основниот граѓански суд во Скопје, денеска ја одби тужбата на новинар кој известуваше за настаните од 27 април 2017 кога имаше насилен упад во Собранието.

Судот одлучуваше за спреченост на правото на информирање на граѓаните, како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка на Горан Трпеновски кој за време на инцидентите од Собранието на 27 април 2017 година, како новинар известуваше за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk), информира ЗНМ.

Во пресудата, судијата Јованка Спировска Панева, образложува дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК кој, пак, според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, додаваат од ЗНМ, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието, а следствено на тоа нема право на штета.

„Оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти, прво дека не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари, а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП“, нагласуваат од ЗНМ.

„Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја, се вели во соопштението“, соопшти ЗНМ.

Судот претходно ги одби тужбите и на други новинари кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија.