Европратеник предлага странски историчари да помогнат во спорот Скопје - Софија

Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија

Европратеникот Андреас Шидер предлага да се поканат еминентни странски историчари во заедничката комисија за да се излезе од ќорсокакот во кој се наоѓаат Македонија и Бугарија околу историските прашања, јави МИА од Брисел.

„Имам сугестија за заедничката комисија доколку нејзината работа остане заглавена како сега, можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ кои немаат инволвираност во регионот да помогнат да се стави прашањето во научна рамка“, изјави Шидер на брифинг со новинари посветен на Македонија.

Македонија од лани во декември е со бугарско вето на преговарачката рамка со Европската унија, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, но и со барања од Бугарија за Македонија да признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик, на што од македонската Влада велат дека е неприфатливо.

За Шидер е неприфатлива блокадата за почеток на преговори со Македонија од страна на Бугарија. Тој нагласи дека најчесто политичарите ги користат идентитетските прашања за да ги прикријат слабостите за поважните прашања како образованието или вработеноста.

Видете и ова: Заев убеден дека по формирањето на новата бугарска влада ќе се најде речение за спорот

На прашање зошто не помина амандманот кој го осудуваше провокативниот говор од бугарска страна во извештајот за Македонија, амандман во чија подготовка учествуваше и европратеникот Шидер, тој изјави дека се надевал дека тој ќе помине.

-Нашиот амандман беше тежок, затоа што се обидовме да ја критикуваме бугарската Влада, но не најдовме мнозинство, иако очекував. Но, сепак тоа ја обликуваше дебатата и тоа беше идејата на овој амандман, да има посилна критика од страна на Европскиот Парламент, не да се додава масло на огинот, рече европратеникот и додаде дека дебатите за историјата не помагаат за создавање заедничка иднина.