Владата го ограничува трошењето на функционерите за угостителски услуги

Влада на Република Северна Македонија

Сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги, соопшти Кабинетот за вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, а одлуката е донесена на денешната владина седница.

Според одлуката, точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок. Во случај на пречекорување на дозволните лимити, лицето ќе мора да го надомести пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок.

„Целта на одлуката е истата да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок. Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци“, се наведува во соопштението.

Со одлуката, како што се наведува во соопштението, се опфатени претседателот на Владата, замениците претседатели на Владата, министрите, замениците министри, генералниот секретар на Владата, заменик генералниот секретар, државните секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.