Владата го објави списокот на хонорарци

Влада на Република Северна Македонија

Владата денеска ги објави имињата на хонорарците кои во изминатата година преку авторски договори извршувале специфични задачи кои, како што се вели во соопштението, не може да се обезбедат од редот на вработените во Владата. Станува збор за 55 луѓе кои за извршување работни задачи – анализи за потребите на Владата, добивале плата од 15 до 60 илјади денари месечно.

„Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица. Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните се вели во соопштението.

Во него се отфрлаат, како што е наведено, сите дезинформации околу тоа дека овие лица биле и вработени и добивале дополнителен хонорар.

Меѓу нив се Петрит Сарачини, поранешниот советник на поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, Шпенди Винца дипломиран социолог од Струга кој беше дел од лустраторската комисија, Јана Велковска која во претходниот владин состав работеше како посебен советник за односи со дијаспората во кабинетот на поранешниот министер без ресор Едмонд Адеми. На листата е и професорот од Економскиот факултет и поранешен потпретседател на СДСМ Ванчо Узунов. Потоа на листата се претседателот на подмладокот на СДСМ Марко Михаилоски, како и поранешниот претседател на подмладокот на СДСМ, Никола Тренчевски.

Работните позиции за кои се ангажирани хонорарци во Владата според објавената листа се анализи и извештаи во делот на правото, децентрализацијата, медиумски мониторинг и старетшки комуникации, потоа логистичка поддршка на комисијата за именување во кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција. Голем дел од нив се ангажирани за прес активности.

До објава на овие податоци од страна на Владата дојде откако во истражувачка сторија на Призма беше наведено дека за договорени услуги кон хонорарци во изминативе две години од државниот буџет биле исплатени 2 милиони евра и при тоа, како што беше наведено во истражувањето, имињата на хонорарците биле заштитени, за разлика од имињата на вработените.