Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство, побарана оставка од Филипче

Скопје- ВМРО-ДПМНЕ на протест пред зградата на Министерството за здравство побара оставка од министерот Венко Филипче поради лошо снаоѓање со Ковид пандемијата

ВМРО-ДПМНЕ денеска на протест пред Министерство за здравство побара оставка од министерот Венко Филипче обвинувајќи го за лошо снаоѓање и менаџирање со епидемијата со Ковид19 .

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова рече дека во моментов земјава била полоша од Италија која минатата година беше силно погодена од ковид пандемијата.

„Вашата неспособност за менаџирање го загрозува здравјето на обичниот граѓанин, па денес во Македонија имаме рекордна смртност од 4.108 луѓе како последица на Ковид, според вчерашниот извештај на Економист, Македонија са наоѓа на трето место по смртност во светот. Општите болници низ Македонија се полни, истите немаат основни медицински средства, се сликате позерски на донирани вакцини и опрема бидејќи не сте способни да набавите, а преживуваат само оние граѓани кои имаат да платат“, рече Панова.

Видете и ова: Протест на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на Филипче

Владимир Нелоски, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги повика насобраните повторно со балоните со вода да фрлаат кон зградата на министерство за, како што рече, да им го измијат срамот.

„Минатата сабота се обидовме да го измиеме срамот и стигнаа пораки зошто со толку малку балони вода сме го миеле срамот, па велам ако они прават симулација на вакцинирање ние можеме да пробаме симулација на миење на срамот“, рече Нелоски.

Инаку оваа е четврта сабота по ред како опозициската партија протестира пред зградата на Министерството за здравство.