ВМРО-ДПМНЕ: Претресот на „Ивонка груп“ е евтин театар

Лого на ВМРО-ДПМНЕ.

Претресот во просториите на фирмата „Ивонка груп“ и во домот на сопственикот на фирмата, опозицијата го нарече „евтин театар“.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако денеска Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека по отворената предистражна постапка за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, предметниот обвинител издал повеќе наредби за прибирање на потребната документација.

Станува збор за случај со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81.000 евра, кој не го користи ниедна институција. Обвинителството отвори предистражна постапка за аферата која ја објави емисијата „360 степени“ за софтверот кој што го набавил поранешниот генерален секратар на Владата Драги Рашковски за МВР, а министерството веќе осум месеци не го користи.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека премиерот „Заев треба да намали со театарот за случајот Рашковски.

„Додека се чешла фирмата за случајот со софтверот Рашковски си продолжи со работа во владата на Заев по завршениот одмор во Мексико“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека јавноста не видела резултат од истрагата, иако случајот во јавноста бил отворен пред речиси еден месец.