Косово го одби предлогот на Албанија за вакцинирање со Синофарм

Илустрација - вакцинација во Косово.

Косово го отфрли предлогот на Албанија здравствените работници да се вакцинираат против Ковид-19 со кинеската вакцина Синофарм.

Претходно, околу 500 здравствени работници од Косово беа вакцинирани во Албанија со вакцината Астра Зенека.

Министерот за здравство во Владата на Косово, Арбен Витија, изјави дека „дарежливата“ понуда на Албанија е одбиена, бидејќи косовските закони не дозволуваат употреба на вакцини кои не се регистрирани во Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Дури и да сакаме, законите не ни дозволуваат да увезуваме производи кои не се регистрирани во ЕМА и затоа не е соодветно нашите просветни работници да примаат вакцини за кои не можеме да гарантираме, кои не се регистрирани во Косово затоа што тие припаѓаат на компании кои не се регистрирани во Европската агенција за лекови“, објасни Витија.

Освен кинеската вакцина Синофарм, Европската агенција за лекови засега ја нема одобрено ниту руската Спутник В, но започна да ја проценува на крајот на март.

Косово е меѓу земјите во Европа кои вакцинираа најмал број граѓани, со 24.000 дози достапни од вакцината на АстраЗенека. Косово ги прими овие вакцини на 28-ми март како дел од првиот контингент на програмата Ковакс.