Задолжително и незадолжително

МАКЕДОНИЈА - Клиничката болница Жан Митрев соопшти дека согласно состанокот одржан со министерот за здравство Венко Филипче, а со цел да им излезат во пресрет на што поголем број граѓани во оваа тешка ситуација, од денеска овозможува пакети за лекување од Ковид-19.

ЕУ - Европскиот суд за човекови права пресуди дека Чешка е во право во барањето за задолжителни вакцини за деца. Судот со седиште во Стразбур утврди дека иако чешката политика се меша со правото на приватен живот, постои потреба да се заштити јавното здравје.

БУГАРИЈА - Националното собрание на бугарската политичка партија ГЕРБ ќе избере ново раководство на 11 мај, пренесува бугарското издание 24 часа. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на дневниот ред на состанокот се предвидува разрешување на заменик-претседателите на ГЕРБ и избор на нов Извршен комитет, но според информациите, не е предвиден избор на нов претседател.

РУСИЈА - Портпаролката на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, Кира Јармиш, останува во домашен притвор, одлучи денеска судот во Москва. Во притвор остануваа и лидерката на женската протестирачка група Пуси Рајот, Марија Алјохина, координатор на тимот на Навални во Москва, Олег Степанов и општинскиот пратеник Дмитриј Барановски.

СРБИЈА - На Србија во овој момент не и е потребна задолжителна вакцинација, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ. На новинарско прашање за одлуката на Европскиот суд за човекови права дека одлуките за задолжителна вакцинација ќе бидат легални, Брнабиќ кажа дека во Србија и без тоа веќе има голем интерес за вакцините. Таа вели дека Србија нема проблеми како некои други земји, каде луѓето не сакаат да се вакцинираат.

МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА - Рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, денеска во Штип изјави дека не го знае точниот датум кога ќе пристигнат останатите руски вакцини Спутник V, но, како што рече, убеден е дека вакцинацијата на македонските граѓани ќе оди непречено и Договорот потпишан од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство ќе биде испочитуван, јави МИА.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Бењамина Кариќ е новата градоначалничка на Сараево со 26 гласа ЗА од советниците на Градскиот совет на Град Сараево.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека, согласно препораките на Европската агенција за лекови (ЕМА) да секоја држава завземе сопствен став за употреба на вакцината, одлучено е дека вакцината против ковид-19 на АстраЗенека кај нас ќе се дава исклучиво на лица постари од 60 години.

ТУРЦИЈА / ЕУ - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во четвртокот рече дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ја примил претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен во согласност со барањата и предлозите од Европската унија (ЕУ) и ги отфрли критиките дека Анкара навредувала висок гостин од Брисел. Чавушоглу рече дека турската страна и ЕУ се договориле за протокол пред состанокот со Ердоган пред два дена.

ГРЦИЈА - Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека најверојатно наесен треба да се отвори дискусија за задолжителна вакцинација на здравствените работници.

САД - Трговскиот дефицит на САД се зголеми на рекордни 71,1 милијарди долари во февруари, поради падот на извозот во време на пандемијата на коронавирусот. Вкупната трговска размена по двата месеца во 2021 година е пониска за само 1,8 проценти во споредба со минатата година, пред пандемијата да ја погоди светската економија. Разликата меѓу увозот и извозот во февруари скокна за 4,8 проценти во споредба со ревидираниот јануарски дефицит од 67,8 милијарди долари, соопшти Министерството за трговија.