Судот во Стразбур пресуди во корист на задолжителна вакцинација на деца

Илустрација.

Европскиот суд за човекови права пресуди дека Чешка е во право во барањето за задолжителни вакцини за деца. Судот со седиште во Стразбур утврди дека иако чешката политика се меша со правото на приватен живот, постои потреба да се заштити јавното здравје.

Судот одлучувал по жалби од семејства кои биле казнети со парична казна или чии деца биле одбиени да влезат во предучилишните установи, затоа што нивните деца не биле вакцинирани.

Чешките мерки може да се сметаат како „неопходни во демократско општество“, соопшти Судот во својата прва одлука за задолжителна вакцинација против детски болести.

„Целта треба да биде секое дете да биде заштитено од сериозни болести, преку вакцинација или преку имунитет на стадо“, додаде Судот.

Одлуката се однесува на поплаки поднесени пред пандемијата на коронавирусот, но одлуката на Судот може повторно да влезе во игра ако прашањето за вакцинирање на деца против ковид-19 стане предмет на расправа.


Според чешките правила, родителите се законски обврзани да ги вакцинираат своите деца против бројни детски болести, освен ако тоа не е можно од здравствени причини.

И во другите земји-членки на ЕУ има задолжителни вакцини за деца.