Србија не размислува за воведување на задолжителна вакцинација

Ана Брнабиќ пречекува контингент кинески вакцини

На Србија во овој момент не и е потребна задолжителна вакцинација, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ. На новинарско прашање за одлуката на Европскиот суд за човекови права дека одлуките за задолжителна вакцинација ќе бидат легални, Брнабиќ кажа дека во Србија и без тоа веќе има голем интерес за вакцините. Таа вели дека Србија нема проблеми како некои други земји, каде луѓето не сакаат да се вакцинираат.

„Од една страна, на е-управа имаме секој ден пријавено меѓу 10 и 12 илјади лица, но граѓаните доаѓаат и без пријава. Вакцинацијата во Србија оди одлично, сите пофалби до граѓаните кои покажаа дека се исклучително одговорни“, изјави Брнабиќ.

Таа најави дека утре ќе се одржи седница на Кризниот штаб, на која ќе се дискутира за ефектите од важечките епидемиолошки мерки.

Во Србија 26 отсто од возрасните граѓани се вакцинирани со една доза, додека околу 19 отсто е ревакцинирани.