Баздникин: Се работи на испораката на останатите вакцини Спутник V

Амбасадорот на Русија во Македонија, Сергеј Баздникин, и министерот за здравство, Венко Филипче, на приемот на првата пратка руски ковид вакцини Спутник V во Македонија

Рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, денеска во Штип изјави дека не го знае точниот датум кога ќе пристигнат останатите руски вакцини Спутник V, но, како што рече, „убеден е дека вакцинацијата на македонските граѓани ќе оди непречено и Договорот потпишан од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство ќе биде испочитуван“, јави МИА.

Баздникин, при денешната посета на Штип, посочи дека договорот е потпишан во март и дека во земјава веќе се испорачани 6000 дози.

„Договорот предвидува снабдување со 200.000 дози на вакцината против корона вирусот Спутник V. Оваа количина која е потребна за вакцинирање на 100.000 граѓани. До денес испорачани се 6000 дози, 3000 од секоја компонета. Во моментов се работи за испораката на останатите количини на препаратот. Сакам да ви кажам дека руската страна доследно ќе ги исполнува своите обврски од договорот и да обезбеди испорака на вакцините во вашата земја“, рече Баздникин.

Амбасадорот истакна дека вакцината Спутник V е „апсолутно безбедна со ефикасност над 90 отсто, а за спречување на компликации од корона-вирусот е 100 отсто“, пренесе МИА.