ММФ поддржува повисоки даноци за богатите фирми

директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева

Богатите фирми кои добро се снајдоа за време на пандемијата би можеле да плаќаат повеќе даноци за да ги финансираат напорите за закрепнување, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, најавувајќи ја нејзината Глобална агенда за годинава. Обновената поддршка за даночните реформи доаѓа во моментот кога министрите за финансии на Г-20 разговараат за минимален данок на добивка што би го поткопал користењето на даночните раеви кои ја исцедуваат владината каса. „ММФ бара минимална, глобална стапка на данок на добивка како начин да се прекине трката кон дното во оданочувањето на доходот на претпријатијата“, вели Витор Гаспар, шеф на Одделот за фискални работи на ММФ.

САД и Г20 работат на глобален данок за корпорациите

Цените на акциите ширум светот, особено меѓу технолошките компании, пораснаа низ целата пандемија, зголемувајќи се брзо во последните неколку недели за да постават нови последователни рекорди бидејќи глобалната економија покажа знаци на силно закрепнување од падот. Во Соединетите држави, широкиот S&P 500 скокна повеќе од 50 проценти во изминатата година, додека технолошки богатиот Nasdaq доби над 73 проценти. Американскиот претседател eо Бајден минатата недела објави планови за зголемување на даноците на претпријатијата за плаќање на масивната програма од три трилиони долари за инфраструктура и работни места.