Владата не се откажува од хеликоптерска итна служба

Портпаролот на Владата, Муамет Хоџа

Поради пандемијата од ковид 19 првичниот договор за јавно – приватно партнерство пропадна, но Владата не се откажува од итниот хеликоптерски тим за пребарување и спасување и веднаш по завршувањето на здравствената криза повторно ќе биде распишан јавен оглас, изјави денеска на прес-конференција владиниот портпарол Муамет Хоџа.

„Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организациска платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република Северна Македонија и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е раскинат со одлука на 26-та седница на Владата. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни – државата и операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата и затоа е раскинат“, соопшти Хоџа.

За трагичниот настан со 63 годишниот Златко Божиновски посочи дека од ЦУК и од МВР е побарано да се спроведе внатрешна контрола за проверување на надлежните службеници за случајот. Интенцијата е расчистување на случајот, итно лоцирање на одговорноста и соодветни мерки, рече Хоџа.