ЈСП Скопје од денеска вози само до 20 часот

Илустрација

Јавното сообраќајно претпријатие скопје (ЈСП) информираше дека од 6 април 2021 година до 20 април 2021 година, јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа до 20 часот, а билетарниците и центрите за персонализација ќе работат до 18.30 часот. Режимот на јавниот превоз е согласно последната одлука на Владата за забрана на движење на населението во период од 20 до 5 часот, почнувајќи од денеска, како мерка за спречување на ширењето на ковид-19.

Од ЈСП напомунуваат дека „и натаму не важи бесплатниот превоз за возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела, а времено укинати се и трите автобуски линии 25, 25А и 25Б (што сообраќаат до Средно Водно), туристичката линија „Сити тур“, а не работи ни Жичарницата.

Од денеска во 20 часот до 05 часот почнува забраната за движење во земјата која ќе трае две недели. Целосно се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, реши вчера македонската влада. Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.