Денеска нов протест поради пресудите во случајот „Монструм“

Архивска фотографија - Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Роднини и поддржувачи на осудените во случајот „Монструм“, односно случајот со петкратното убиство кај Смилковското езеро, денеска ќе одржат нов протест. Според најавата од организаторите, протестот ќе почне од паркот во Чаир, а ќе продолжи до зградата на Владата.

Од тие причини, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, па од 13.30 часот до завршување на протестот етапно ќе бидат затворени за сообраќај следните улици: делови од улиците „Христијан Тодоровски Карпош”, „Џон Кенеди”, „Цветан Димов”, како и бул.„Крсте Мисирков”, бул.„Гоце Делчев”, дел од ул.„Филип Втори’, дел од булеварите „Илинден”, „ВМРО” и „Климент Охридски”, информираат од МВР.

„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници, а заради заштита на новинарските екипи кои ќе го следат протестот, потребно е истите своите акредитации да ги носат на видливо место“, соопшти СВР Скопје.

Минатиот петок, исто така, беше најавен протест, но тој не се одржа. На последниот протест се случија повеќе инциденти во кои имаше 11 повредени полицајци и еден новинар. ОЈО Скопје поведе постапка и обвини вкупно осум лица за направените нереди, а дел од нив се веќе и осудени на затворски казни.