Затвореници и летувалци

МАКЕДОНИЈА - Имајќи предвид дека кризната состојба прогласена на јужната и северната граница, а поврзана со мигрантската криза, заврши синоќа на полноќ, а Собранието не донесе одлука за нејзино продолжување, престана да постои правниот основ за досегашниот ангажман на Армијата во обезбедувањето на државната граница. Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, му нареди на Началникот на Генералштабот, Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски да постапи согласно со новонастанатата ситуација.

РУСИЈА - Руските затворски власти денеска ги отфрлија обвинувањата за малтретирање на опозицискиот лидер Алексеј Навални, еден ден откако антикорупционерот и критичар на Кремљ најави штрајк со глад во знак на протест против наводните злоупотреби во притворот.

МЈАНМАР - Најмалку 43 деца се убиени од воениот удар во Мјанмар кој се случи во февруари, објави организацијата Спасете ги децата која наведува дека најмладата позната жртва имала само седум години, пренесува Би-Би-Си.

ИЗРАЕЛ - Израел би можел да започне со вакцинирање на адолесценти на возраст од 12 до 15 години во мај, соопштија здравствените власти денес откако лабораториите на Фајзер и Бионтек објавија дека нивната вакцина против коронавирусот е 100% ефикасна во оваа возрасна група.

ЕУ - Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, го прифати предлогот на деветтемината шефови на дипломатии кои бараа Западниот Балкан да се врати на дневниот ред на Унијата. Со тоа на 19 април во Луксембург ќе се одржи посебна дискусија за европската перспектива на регионот, информираше портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите.

МАКЕДОНИЈА - Во Македонија денеска пристигна нова пратка вакцини против ковид-19, донација од Србија. Денеска пристигнаа 20 илјади дози од руската вакцина Спутник V и уште 20 илјади наскоро ќе бидат испорачани.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја критикуваше неприфатливата забавеност на вакцинацијата против коронавирусот во Европа, која со месеци се соочува со многу загрижувачка епидемиолошка состојба.

КИНА - Седум лица со продемократска ориентација беа прогласени за виновни пред судот во Хонг Конг за учество во неовластени протести во овој град во 2019 година. Меѓу нив се активистот Мартин Ли и медиумскиот магнат Џими Лај. Засега не е познато кога ќе им бидат изречени казните, објави германската новинска агенција ДПА.

ХРВАТСКА - Од денеска оние што се вакцинирани со две дози, вклучително и руските и кинеските вакцини и оние што го преболеле ковид-19 во последните шест месеци можат да влегуваат Хрватска. Исто така се признава и брз антиген тест, кој е одобрен во ЕУ.

САД / УКРАИНА - Соединетите држави изразија загриженост за, како што ја нарекоа, тековната руска агресија против Украина, поради извештаите за натрупување на руски трупи долж украинската граница и на Крим.

ИЗРАЕЛ - Министерката за надворешни работи на Косово Доника Гервала го отфрли притисокот од Турција во врска со неодамнешното отворање амбасада на Приштина во западниот дел на Ерусалим нарекувајќи го овој потег завршена работа.