Раст од 3,6 отсто прогнозира Светска банка за македонската економија

Банкноти по 1000 денари

Светска банка во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија за годинава од 3,6 отсто и за наредната од 3,5 проценти.
Од земјите во регионот најголем раст за оваа година е предвиден во Црна Гора од 7,1 отсто, потоа Србија од 5, Албанија 4,4, Косово 4 и Босна и Херцеговина од 2,8 проценти.

За 2022 година Светската банка прогнозира раст на економијата во Црна Гора и Косово од по 4,5 отсто, во Србија и Албанија по 3,7 и по 3,5 проценти за Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Светската банка посочува дека на стартот на 2021 година економиите на Западен Балкан се едни од најтешко погодените од коронавирусот во Европа и Централна Азија, со најголем број на случаи на новозаболени во еден ден, со што далеку го надминуваат просек на европско-ценралноазискиот регион.

Банката додава и дека Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија се меѓу 10-те земји во развој со најголем број смртни случаи од ковид-19 по глава на жител, што дополнително ги оптоварува здравствените системи.

Банката проценува дека поволни услови за економскиот раст на среден рок и за зголемување на продуктивноста во Албанија и Северна Македонија ќе имаат забрзувањето на структурните реформи како дел од подготовката за членство во ЕУ, под претпоставка дека стартот на преговорите нема да биде одложен.