Грција на 14 мај ја отвора границата за македонски државјани

Фотографија од граничниот премин „Евзони“ на грчко-македонската граница

Утрово грчкиот министер за туризам, Хари Теохарис, ме извести дека на 14 мај Грција планира да ги отвори граничните премини „Дојран“ и „Евзони“ за македонските граѓани, објави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

„Граѓаните кои планираат да патуваат во Грција ќе мора задолжително да покажат сертификат дека се вакцинирани или пак да имаат негативен ПЦР тест за ковид-19. Искрено се надевам дека оваа одлука нема да се промени заради евентуална промена на епидемиолошката состојба во двете земји. Во следните денови ќе ги договараме деталите околу усогласување на сертификатите за вакцинација“, објави Филипче на Фејсбук.

Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека „од утре Македонија ќе почне со преговори со сите свои соседи за протокот на туристи за време на летната сезона и меѓусебното признавање на ковид-пасошите“ и додаде дека „условите се исполнети за тоа со започнувањето на масовната имунизација денеска во Македонија“.