Австралија вложува милијарда долари во производство на ракети

Авдтралискиот премиер Скот Морисон

Австралија претстави план за партнерство со светски производител на оружје и домашно производство на ракети за зајакнување на одбранбените способности на државата, јави ДПА.

Премиерот Скот Морисон најави забрзана изградба на фабрика за производство на ракети. Една милијарда австралиски долари ќе бидат издвоени за производство на ракети и оружје за австралиската војска. Министерството за одбрана бара индустриски партнер за водење на новата фабрика за оружје во име на владата.

Австралиски Еј Би Си објави дека потенцијални кандидати се Рејтон Австралија, Локид Мартин Австралија, Консберг и БАЕ Системи Австралија. Морисон ја истакна важноста од создавање „суверени можности на австралиско тло“ за да се заштити безбедноста на Австралијците.

Австралија ќе работи на иницијативата во тесна соработка со САД. Оваа инвестиција може да донесе 40 милијарди австралиски долари од локалното производство и извоз во следните две децении, објави ДПА.