Заев за „државјанство со сведоци“: Ќе бараме заедничко решение

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, на денешниот состанок во Собранието се договориле да се утврди колку лица се без државјанство, па потоа да се бара заедничко решение за Законот за државјанства, што двете албански опозициски партии го отворија и бараат доделување државјанство со сведоци. Според изјавата на Заев, средбата била конструктивна, но без било какви постигнати конкретни заклучоци.

„Во наредните денови ќе работиме интензивно за да постигнеме трајно решение во врска со прашањето за државјанството. На овој начин, сите ќе потврдиме дека сме за трајно решение, во согласност со европските регулативи за државјанство, рече премиерот Заев по средбата со претставници од коалицијата АА-А, во врска со законот за државјанство. Верувам дека во следните неколку дена интензивно ќе работата службите, за да ги разгледа сите предлози од двете опозициски партии, но очекувам да ги согледаат и сите аргументации дадени од министрите. Така сите ќе потврдиме дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани кои немаат државјанство да го добијат, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, меѓународната регулатива за државјанство“, изјави Заев по средбата.

По прашањето за државјанствата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат поднесено поголем број амандмани. Премиерот Заев рече дека останува да се договорат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со Алтернатива и Алијанса за повлекување на амандманите.