Почнува вакцинација на 20 илјади граѓани со над 77 години

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Денеска во вакциналните пунктови ширум земјава почнува вакцинација на 20 000 граѓани на возраст над 77 години. Според најавите, вакцинацијата од денеска почнува во поликлиниките „Јане Сандански“, Чаир и Букурешт во Скопје, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица, како и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе почне вакцинацијата и во другите градови.

Националниот систем „Мој Термин“ ги отвори термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација на овие граѓани. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9577 термини, а досега се закажани 5976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст. Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува термин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа, каде се спроведува вакцинација против Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.

Тие 20 000 граѓани ќе примат вакцина од компанијата „АстраЗенека“, чија пратка од 24 000 дози пристигна на 28 март на аеродромот во Скопје преку Ковакс механизмот.

Се очекува да стигнат уште 76 000 дози вакцини од „Астра Зенека“ исто така преку Ковакс механизмот кои ќе бидат предвидени за ревакцинација, како и поголеми количини вакцини и од Кина и Русија.

Досега во државава се вакцинирани 7005 здравствени работници. Над 4000 примија вакцина на „Фајзер“ и беа ревакцинирани. Викендот пристигна и втората пратка од руската вакцина „Спутник В“, наменета за ревакцинација на 3000 здравствени работници, кои веќе ја примија првата доза од истата вакцина.

Одреден број наши граѓани се вакцинираа со „Астра Зенека“ во Србија, меѓу кои имаше вработени во компании, новинари…