Од Филипче до Џамбаски

ТУРЦИЈА - Турција ќе воведе полициски час за време на викендот во некои провинции и ќе ги засили санитарните мерки пред светиот муслимански месец Рамазан поради нагло зголемување на бројот на лица заразени со коронавирусот. Бројот на потврдени инфекции на дневна основа е зголемен за три пати во последниот месец. Околу 150 луѓе умираат секој ден како резултат на ковида-19, а на почетокот на месецот тој број беше околу 60.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска ѝ се заблагодари на Србија што вакцинирала македонски државјани против ковид-19, но дека тоа е срам за Македонија. На тоа му реплицираше министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека тоа е знак на солидарсност. Пендаровски на тоа одговори дека тоа е солидарност но дека тоа не е слика за фалање.

СЛОВАЧКА - Словачкиот премиер Игор Матович денеска си поднесе оставка со што се отвори патот за формирање на нова влада по едномесечна политичка криза, предизвикана од спорот околу употребата на руските вакцини против коронавирусот. Словачката претседателка Зузана Капутова го назначи министерот за финансии Едуард Хегер за нов премиер. Хегер е сопартијец на Матович.

АВГАНИСТАН - Авганистанските власти соопштија дека при вооружени напади биле убиени три жени, здравствени работници кои имале задолженија за вакцинирање против детска парализа. Од Авганистанското министерство за здравство соопштија дека трите жени биле убиени во два засебни напади во главниот град на провинцијата Нангахар. Досега никој не презел одговорност за нападите. Нападите се случија по еден ден откако во Авганистан почна масовно вакцинирање на милиони деца против полио, поради заразен патоген кој се пренесува преку вода.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека ја преименуваше својата вакцина против ковид-19 и сега е наречена ваксзервија - Vaxzevria. Во соопштението, компанијата посочува дека промената на името не значи промена во составот на вакцината, но дека е добро медицинските работници да се запознаат со новото име поради различното пакување и етикета.

САД - Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, изјави дека Соединетите држави очекуваат македонската Влада подобро да се справи со корупцијата, од што ќе зависи дали НАТО членките ќе инвестираат во државата или не, а во однос на членството во Европската унија (ЕУ), дека меѓувладината седница треба да се одржи што побргу.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81.000 евра, кој не го користи ниедна институција.

МАКЕДОНИЈА / КИНА - Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Министерството за одбрана на Кина, предводена од министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе. Според Заев ова е потврда за добрите односи со Кина. Заев на средбата апелирал до кинескиот министер за забрзување на испоратата на кинеските вакцини против ковид за Македонија, на што генералот рекол дека ќе ја пренесе пораката.

РУСИЈА - Руските власти започнаа кривична постапка за екстремизам против четворица членови на Јеховините сведоци во Сибир, во последниот прогон против оваа религиозна група, објави Радио Слободна Европа (РСЕ) на руски јазик.

бугарија - По повод нотата добиена од амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, во врска со предизборно видео на европратеникот Ангел Џамбаски, Министерството за надворешни работи (МНР) сака да наведе дека смета дека предметниот материјал е неумесен и нагласуваме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада, соопшти денеска бугарското МНР.