Турција ќе ги засили анти-ковид мерките пред Рамазан

Илустрација - Ердоган на молитва во џамија

Турција ќе воведе полициски час за време на викендот во некои провинции и ќе ги засили санитарните мерки пред светиот муслимански месец Рамазан поради нагло зголемување на бројот на лица заразени со коронавирусот. Бројот на потврдени инфекции на дневна основа е зголемен за три пати во последниот месец. Околу 150 луѓе умираат секој ден како резултат на ковида-19, а на почетокот на месецот тој број беше околу 60.

Во телевизиско обраќање по состанокот на владата, претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека 58 од 81 провинција во Турција сега се означени како „црвена“ или „многу ризична“ зона и дека полицискиот час ќе биде воведен за време на викендите. Ноќниот полициски час на национално ниво ќе продолжи. До почетокот на март имаше само 17 провинции во „црвената“ зона.

„Зголемувањето на бројот на случаи и пациенти, како и зголемувањето на бројот на смртни случаи, не принудуваат да ги преиспитаме постојните мерки“, рече Ердоган во обраќањето.

Видете и ова: Зошто е тешко да се споредат вакцините против КОВИД-19?


Турскиот претседател додаде дека ќе мора да се „жртвуваат во текот на месецот Рамазан“, кој започнува на 13 април, и дека рестораните и кафулињата ќе можат да послужат само храна за носење.

Вчера се регистрирани околу 32.400 новозаразени лица, вкупно 3,2 милиони. Повеќе од 31 000 луѓе починаа. Околу 15 милиони луѓе во Турција примиле една, а околу 6,7 милиони луѓе примиле две дози вакцина за коронавирус.