Џонсон и Џонсон ќе им испорачаат 400 милиони вакцини на африканските земји

Вакцината против коронавирус на Џонсон и Џонсон

Американската фармацевтска компанија Џонсон и Џонсон соопшти дека на африканските земји од ова лето ќе им обезбеди до 400 милиони дози од својата вакцина против ковид-19. Во согласност со договорот постигнат меѓу оваа компанија и Африканскиот фонд за вакцини треба да се испорачаат 220 милиони дози од вакцината во периодот од јули до септември во 55 земји членки на Африканската унија. Тие земји ќе може да порачаат дополнителни 180 дози од вакцината, вкупно до 400 милиони дози до 2022 година.

Вакцината на компанијата Џонсон и Џонсон, која се дава во една доза, треба да добие одобрување од регулаторите во африканските земји, а Светската здравствена организација(СЗО) ја одобри за итна употреба на 12 март.

Американската компанија има привремен договор со Сојузот за вакцини - Гави, за поддршка на програмата КОВАКС, наменета пред сè за сиромашните земји, од кои многу се во Африка. Џонсон и Џонсон и Гави треба да потпишат договор за авансно купување за до 2022 преку таа програма да се обезбедат 500 милиони дози вакцина. Вакцината на Џонсон и Џонсон покажа дека е 67 отсто ефикасна против ковид-19 и дека 85 отсто спречува тежок облик на болеста.