Средба Заев- Мицкоски, главни теми пописот, изборите, пандемијата

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, ќе се сретнат денеска во Клубот на пратеници.

До средбата доаѓа на покана од Мицкоски, „за да разговараат за сите отворени прашања, како што се кризата со пандемијата, работата на Парламентот, пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите…“.

„Целта е да се постигне консензус за сите прашања меѓу двете најголеми политички партии“, рече Мицкоски во четвртокот во гостувањето во вестите на телевизија Сител.

Заев во петокот изјави дека верува оти по средбата со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение меѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори, а најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите.

„Имаме многу што да разговараме, но секако најважно е да седнеме низ дијалог да изнаоѓаме решенија, затоа што постоиме да им служиме на граѓаните“, порача Заев.