Скопје виа Вашингтон

СРБИЈА / МАКЕДОНИЈА - На Белградскиот саем во тек е вакцинација на голем број странски државјани кои се пријавиле преку системот е-Управа од кои најмногу засега се државјани на Босна и Херцеговина и Црна Гора, јавува дописникот на МИА од Белград. Викендов во Белград ќе се вакцинираат и македонски државјани кои се пријавиле за вакцинација, но властите во Србија велат дека тие не организирале вакцинирање за македонски државјани туку за граѓани кои се пријавиле.

МАКЕДОНИЈА - Македонија имаше одличен почеток на членството во НАТО и обезбедува значителни придонеси за Алијансата, изјави денеска командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој престојува во посета на земјава по повод првата годишнина од нејзиното членството во Алијансата и затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите треба да се одржи веднаш и без одлагање и дека Владата работи тоа да се случи уште во јунскиот самит на Европската унија (ЕУ). Сепак, на денешната прес-конференција по повод вчера усвоението Извештај за Македонија во Европарламентот, додаде дека политиките за проширување во ЕУ, се носат со консензус, и ќе мора согласност од сите земји членки.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Богиќ Богиќевиќ е едногласно избран за градоначалник на Сараево на денешната седница на Градскиот совет на Град Сараево.

АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама преку видеопорака ги повика Албанците од Северна Македонија во дијаспората да се попишат на пописот на населението, домаќинствата и становите.

РУСИЈА - На Софија однадвор и е наметната кампањата за борба со наводните руски шпиони во Бугарија, изјави денеска на брифинг портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува дописникот на МИА од Софија.

БУГАРИЈА - Партиите и коалициите во Бугарија за 20 дена потрошија рекордна сума на средства за медиумско претставување - 3.518.725 лева (1.800.000 евра) без ДДВ. Ова е вкупната вредност на договорите склучени од 24 март меѓу политичките субјекти и медиумите за овие парламентарни избори, што се предмет на мониторинг на Институтот за развој на јавната животна средина во Бугарија, јави МИА од Софија.

ЕУ - Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека АстраЗенека прво треба да ја исполни својата договорна обврска кон Рвропската унија (ЕУ) пред да започне со извоз. Британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека вети дека ќе испорача 120 милиони дози вакцини против ковид-19 во ЕУ во првите три месеци, но ќе испорача само 30 милиони.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе спречи Кина да ги замени Соединетите Држави како најмоќна земја во светот и рече дека ќе продолжи да ја притиска Кина да игра според меѓународните правила за прашања како што е трговијата.