Богиќевиќ едногласно избран за градоначалник на Сараево

Богиќ Богиќевиќ

Богиќ Богиќевиќ е едногласно избран за градоначалник на Сараево на денешната седница на Градскиот совет на Град Сараево.

Советниците му дадоа еден час на Богичевиќ да каже дали прифаќа да биде градоначалник, бидејќи тој ја повлече својата кандидатура во средата, на 24 март. Доколку Богичевиќ не прифати да биде градоначалник, ќе се бара друг кандидат.

Богичевиќ беше кандидат на Социјадемократската партија на Босна и Херцеговина (СДП БиХ) и е 39-от градоначалник на Сараево.

Тој од 1988 до 1991 година беше член на претседателството на СФРЈ од БиХ и учесник на седницата на претседателството на поранешна СФРЈ, кога со својот глас ја спречи ЈНА да изведе воен удар. За време на опсадата (од 5 април 1992 до 29 февруари 1996 година) Богиќевиќ живеше и работеше во Сараево.

Тој беше и член на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, потпретседател на СДП БиХ и претседател на Олимпискиот комитет на БиХ. Богиќевиќ е добитник на повеќе награди, меѓу кои и Шестоаприлска награда на Град Сараево.