Рама повторно со повик- попишете се, од тоа зависи уставната моќ на Албанците

Македонскиот вицепремиер Артан Груби на средба со албанскиот премиер Еди Рама, Тирана 23 март 2021

Албанскиот премиер Еди Рама преку видеопорака ги повика Албанците од Северна Македонија во дијаспората да се попишат на пописот на населението, домаќинствата и становите.

"Никој од вас, без разлика каде и да сте, не треба да отсуствува во новата регистрација во Северна Македонија. Претходниот попис беше намерно прекинат. Знаете, подобро од кој било знаете дека уставната моќ и одлучувањето во таа држава зависи од бројот на албанските граѓани во Македонија. Од вас не се бара да ја земете пушката и да се искачите на планината или да ја земете лопатата, туку да потрошите само пет, а не повеќе минути“, порачува Рама.

Ова е последователна порака на Рама до Албанците од македонската дијаспора, по онаа која ја упати од средбата со македонскиот вицепремиер Артан Груби, кој деновиве престојуваше во Тирана. Тој утрово ја сподели видео пораката од Рама на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Самопопишувањето на дијаспората преку интернет апликација почна на први март, а ќе заврши на 21-ви април. До вчера, според податоците на Државниот завод за статистика, 143 755 граѓани ја искористиле можноста да се регистрираат во електронската апликација.

Во меѓувреме некои партии водат кампања за бојкот на пописот. Партијата Левица и вонпарламентарната Единствена Македонија тврдат дека бројките се договорени и фингирани и повикуваат да не се отвора врата на попишувачите кои според Законот за попис од први април ќе излезат на терен. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека поради пандемијата со Ковид19 пописот треба да се одложи додека не се вакцинираат попишувачите.

Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски неодамна рече дека има тивок бојкот во дијаспората, особено во Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави, а дека тоа веројатно се должи на кампањата за бојкот на пописот.