Вељаноски во „Организатори на 27 април“: Жалам, сите сме жртви

Поранешниот претседател на Собранието и обвинет во предметот „Организатори на 27 април“ - Трајко Вељаноски

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска сведочеше како првообвинет за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, познат како „крвавиот четврток“. Вељановски пред Судот ја објаснуваше процедурата за водење на седници и даде хронологија на настаните на конститутивната седница од првата пратеничка координација на 29-ти декември 2016-та до упадот во Собранието на 27-ми април 2017 година.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс-министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Поранешниот собраниски спикер негираше дека тој ден или воопшто зборувал за конститутивната седница на Паралемнтот со останатите тројца обвинети во случајот - поранешните министри Миле Јанкиески и Спиро Ристески и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Според Вељаноски, рече дека е „голема лага“ изјавата на сведокот Александар Василевски Нинџа дека добивал наредби за инцидентите од тогашната заменичка министерка Билјана Бришкоска. Тој изрази жалење за настаните од 27-ми април и додаде дека „смета дека сите се жртви на тој настан“.

Видете и ова: Сведоци на Јанакиески за „27 април“: Партијата одлучи да ги осуди насилствата


Денешното рочиште беше прекинато на барање на обвинителката Вилма Русковска, која, како што кажа, цела ноќ била будна поради спроведувањето на денешната акција „Планина“ за сузбивање нарко-дилерски ланец во Скопје и скопско, за која акција доби пофалби од поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој е на обвинителната клупа во случајот „Организатори на 27 април“.