Стопанската комора на Србија обезбеди 10.000 вакцини за бизнисмените од регионот

Илустративна фотографија.

Стопанската комора на Србија (ПКС) објави дека во соработка со Владата на Србија, обезбедила 10.000 вакцини за бизнисмени и вработени од регионот.

Според наведеното во соопштението, Марко Чадез - претседател на Стопанската комора на Србија, по состанокот со црногорската министерка за здравство, Јелена Боровиниќ Бојиќ, изјави дека следниот викенд во Белград ќе се организира вакцинација за бизнисмени и нивни вработени од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово, кои сакаат да се заштитат од заразната болест КОВИД-19.

„Ние сме еден регион, нашите економии се тесно поврзани и само заедно можеме да го надминеме ова зло. ПКС досега организираше вакцинирање на голем број наши бизнисмени и работници, а сега сакаме да им помогнеме на нашите соседи за да успеат да ги зачуваат своите економии, бидејќи само на овој начин целиот регион може да оди напред “, рече Чадез, кој е исто така е претседател на одборот на инвестицискиот Форум на Западен Балкан.

Според него, постапката за имунизација на бизнисмените од регионот е крајно едноставна.

„Потребно е само компаниите од регионот да контактираат со своите стопански комори, кои во координација со Српската стопанска комора ќе организираат вакцинации во Белград“, прецизира Чадез.

Министерката за здравство на Црна Гора, Јелена Боровиниќ Бојиќ, му се заблагодари на Чадез за организирањето на имунизацијата на бизнисмените во регионот. Таа ги покани бизнисмените во Црна Гора, особено угостителите поради претстојната туристичка сезона, да контактираат со Стопанската комора на Црна Гора со цел да организираат вакцинација.

Досега, Србија донираше вакцини на Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора.

Во меѓувреме, претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукичи, соопшти дека стопанската комора одбила да учествува во вакцинација на бизнисмени од Косово во Србија.

Косово е единствената земја во Европа што сè уште не започнала со вакцинирање на своето население.