Од собраниски блокади до скриени вакцини

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев најави дека ќе одржи средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, за да разгледаат како да се одблокира работата на Собранието. Тој рече оти се надева дека блокадата на Парламентот е од времен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони.

ИТАЛИЈА - Околу 29 милиони дози вакцина АстраЗенека се пронајдени за време на инспекција на фабриката во Италија, изјави француски официјален претставник, пренесува Ројтерс. Сè уште се потребни проверки дали станува збор за вакцини наменети за извоз.

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Реформите во правосудството биле главната тема на која денеска во Брисел разговарал македонскиот министер за правда, Бојан Маричиќ, со европратеникот и претседавач на ЛИБЕ Комитетот, Хуан Фернардо Лопе Агулар и хрватскиот европратеник Тони Пицула, информираше Министерството за правда. Маричиќ, како што соопшти ресорното Министерство, ги потенцирал реформите во судството и се осврнал на проектот за дигитализација на судовите преку кој се дигитализирани над 100 судници.

ЕУ - Европската Комисија (ЕК) денеска воведе неколку промени во својот механизам за авторизација на извоз на вакцини кон трети земји, за да има поголема транспарентност во трговијата со вакцини. Со тоа земјите од западен Балкан нема повеќе да бидат изземени, вклучително и Македонија, јави МИА од Брисел.

СРБИЈА - Србија, со низа настани, денеска одбележа 22-годишнина од почетокот на воздушните напади на НАТО на територијата на тогашна Сојузна Република Југославија (СРЈ). Претседателот на Собранието, Ивица Дачиќ, рече дека некои работи се простуваат, ни не треба да се заборават.

САД - Обединетите нации (ОН) предупредија дека во повеќе од 20 земји во светот ќе завладее глад во следните неколку месеци. Бројни семејства веќе гладуваат во делови на Јемен и Јужен Судан, се наведува во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на ОН. Во извештајот се вели дека околу 34 милиони луѓе се борат со недостиг на храна и се на работ на глад.

МАКЕДОНИЈА - Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според Кривичниот Законик (КЗ) - Организирање на отпор Член 387, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски, на заедничка прес-конференција со неговиот колега Муамет Хоџа и со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика. Тој додаде дека, според КЗ, санкциите можат да бидат парични, но и со затворска казна од една до пет години.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Владата на Народна Република Кина обезбеди 50.000 дози вакцини за коронавирус за Босна и Херцеговина, изјави кинескиот амбасадор во Босна и Херцеговина (БиХ), Ји Пинг, за време на разговорите со министерот за надворешни работи на БиХ, Бисер Турковиќ, соопшти Министерството за надворешни работи на БиХ.

ФРАНЦИЈА - Невладината организација Репортери без граници, со седиште во Париз, поднесе тужба против Фејсбук во Франција, обвинувајќи ја познатата платформа дека не обезбедува безбедна средина за корисниците, прекршувајќи ги сопствените услови. Како што наведоа, измамата на потрошувачите според француските закони е незаконска и компаниите се соочуваат со казни до 10 проценти од годишната продажба, доколку се утврди дека ги кршат правилата, пренесува Ројтерс.

ИЗРАЕЛ - Излезните анкети покажуваат дека нема јасен победник на вчерашните парламентарни избори во Израел, четврти во последните две години, со што се зголемуваат шансите за продолжена политичка парализа и долги разговори за формирање влада.