„Меѓународен сојуз“ - Сведок го обвини Боки 13 за измама од 250.000 евра

Архивска фотографија од првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски - Боки 13 во судница

На денешното рочиште од судењето за предметот „Меѓународен сојуз“, дипломираниот инженер Јованка Стојановска – Кухар, во својство на сведок, во Судот изјави дека „на прво обвинетиот Бојан Јовановски, во случајот „Меѓународен сојуз”, дала околу 250 илјади евра со цел на инвестиција, а парите што ги дала ги собрала со тоа што „си ги продала становите во Скопје и во Словенија“. Таа пред Судот тврдеше дека парите ги дала на доверба, но била измамена иако никогаш не помислила дека нешто такво ќе се случи.

„Едниот стан го продадов во Скопје, 100 илјади евра, другиот исто во Скопје, 50 илјади евра и третиот во Словенија го продадов 100 илјади евра, кој беше на малолетниот син. Од тие пари ми врати 80 илјади евра. Парите ги дадов на доверба. Многу им верував на луѓето со кои зборував за инвестиција во Австрија. Јас и Агапи Дика бевме измамени, изманипулирани и повикани само кога треба да се потпише нешто. Се потпишаа работи за кои не знаевме. Кога новинарите почна да објавуваат документи разбрав дека сум била проект менаџер. Со Силјан Мицевски и Дрим билдинг од Струга ги потпишавме“, рече сведокот Кухар.

Видете и ова: Судење за „Меѓународен сојуз“ - Камчев не сака да биде сведок

Во сведочењето Кухар изјави и дека за време на судењето за „Рекет“ ја контактирал пријател на Бојан Јовановски: „Од кога бев повикана да давам изјава пред обвинител, после некое време кога беше судењето за „Рекет”, ме контактира пријател на Бојан Јовановски, и ми рече дека на Бојан му е жал за тоа што се случило, парите ќе ми ги врати, но само треба да потпишам на бланко лист. Лицето беше сопругот на Кристина Блажевска“, рече сведокот Кухар.

На ваквата изјава на Кухар, реагираше обвинетата Кристина Блажевска, која ја обвини Кухар дека „сведочи под притисок“, додека обвинетиот Бојан Јовановски рече дека сведокот „лаже“.

По ова судијката даде пауза на денешното рочиште.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски - Боки 13, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.