Борисов му го честитал реизборот на Заев: Брзо да најдеме решение

Зоран Заев и Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов телефонски му го честитал на премиерот Зоран Заев реизборот за претседател на СДСМ, а македонскиот премиер му возвратил со желба за успех на претстојните избори во Бугарија.

„Се согласивме дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство. Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ“, напиша денеска Заев на Фејсбук.

Заев синоќа со големо мнозинство од гласовите беше реизбран за лидер на СДСМ. Тој беше единствен кандидат за претседателското место во партијата. На изборите излегле 90 отсто од членовите на владејачката партија. Доверба на Заев му дале 59 240 членови од регистрирани 68 999. Додека пак 865 биле против, а имало и 277 неважечки ливчиња.

Инаку, Макдонија и Бугарија од декември лани се обидуваат да најдат решение за ветото што Софија му го стави на Скопје за преговарачката рамка со Европската унија, со образложение дека Македонија не го почитува Договорот за добрососедство, но инсистира македонската страна да прифати бугарски корени на македонската нација и јазик. Тоа, според македонската Влада, се црвените линии за Македонија и за идентитетот и јазикот не се преговара, ниту ќе се преговара.