Одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Конески во седиштето на УНЕСКО во Париз

Родната куќа на Блаже Конески

Во седиштето на УНЕСКО во Париз денеска ќе се одржи чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески. Настанот е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Како што соопшти Министерството за култура, во рамките на настанот, со кој се прославува и Светскиот ден на поезијата- 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на годинашното, 60-то издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

По тој повод, со видео порака ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Настанот е дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која се реализира под покровителство на претседателот Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука.