Во Естонија осуден научник за шпионажа за Кина

Илустрација

Судот во Талин го осуди врвниот поморски научник Тармо Кутс под обвинение за шпионажа за Кина, јавија медиуми. Тој е осуден на три години затвор, наводно во првиот случај на шпионажа во Естонија, кој не е поврзан со соседна Русија. Кутс, наводно, работел со друг Естонец, кој го чека судење.

Кутс е водечки експерт за океанографија на Технолошкиот универзитет во Талин. Тој работел за Министерството за одбрана на Естонија и бил член на научниот комитет на НАТО за подморско истражување, кој е вклучен во студии за воени бродови и подморници на алијансата. Кутс „со години има дозвола и за државните тајни на Естонија и за тајните на НАТО“, објавија естонски медиуми.

Заменик директор на Службата за внатрешна безбедност на Естонија, Александар Тутс изјави дека Кинезите го регрутирале Кутс под закрила на тинк-тенк организација во 2018 година. Според него, научникот не открил никакви тајни, државни или на НАТО до апсењето минатиот септември.

„Тој беше мотивиран од традиционалните човечки слабости, како што се парите и потребата од признавање“, рече Тутс.

Научникот, наводно, бил регрутиран од кинеското воено разузнавање и добил околу 20 000 американски долари. Парите му се конфискувани.